16/01/2020
ШТО Е ЈУНИТ-ЛИНК ОСИГУРУВАЊЕ НА ЖИВОТ КОГА ИНВЕСТИЦИОНИОТ РИЗИК Е НА ТОВАР НА ОСИГУРЕНИКОТ?
Двоцифрениот раст на премијата за животното осигурување во Македонија, неколку години по ред, покажува дека расте свеста на луѓето за придобивките од поседување на ваков тип на полиса. Ова го прави пазарот за осигурување на живот сѐ поатрактивен. Сите друштва за животно осигурување, следејќи ги трендовите во развиените земји, се трудат да понудат што поатрактивни програми со кои ќе ги привлечат идните осигуреници. Карактеристично за овој сектор во Македонија е што во последните две години има значителна пенетрација на новиот тип на осигурувањето на живот, кога инвестициониот ризик е на товар на осигуреникот, комерцијално попознат како јунит-линк. Во регистерот на класи на АСО, тој е заведен под класа 21.
Што претставува јунит-линк?
Полисите за животно осигурување во некоја најосновна класификација може да се поделат на традиционални (штедни) и јунит-линк (инвестициски). Кај првите, постои осигурана (гарантирана) сума која осигурителната компанија мора да ја исплати при истекот на полисата, без разлика дали компанијата успеала да направи профит или загуба со парите на осигуреникот. На овој начин ризикот е кај компанијата. Затоа компаниите, делот од премијата кој не се чува во резерва, смеат да го оплодуваат во инвестиции со мал ризик, што речиси секогаш носи и мал профит. Во опкружување на ниски или негативни каматни стапки тоа станува уште поизразено. Не ретко се случува по истекот на полисата договорувачот да подигне помалку пари од вложените.Тоа е главниот мотив за појавата на јуник-линк полисите. Јунит-линк полисата е легален модел на групно инвестирање. Групното инвестирање овозможува колективно портфолио преку кое може да се направи поголема диверзификација на инвестициите, со поголема дисперзија на ризикот, а притоа да не се загуби во профитот. Ова е речиси невозможно или многу поскапо, доколку индивидуално се вложуваат парите. Во наједноставна дефиниција, јунит-линк би се опишало како животно осигурување со вложување со солиден профит. Првата јунит-линк полиса е понудена на пазарот во Индија во 2005 година, а последните години полека го достигнува традиционалното осигурување во Европа и јасна е тенденција за нејзин пораст на сметка на традиционалното.
Како до јунит-линк полиса?
Постапката за склучување на овој тип на полиса е слична како и за традиционалното животно осигурување. Договорувачот на полисата пополнува понуда при што одредува годишна премија и временски период на траење. Со дел од годишната премија се плаќа осигурување, а остатокот, со согласност од договорувачот, оди во колективното портфолио на фонд, преку кое се инвестира во купување на единици (дел од капитал на некоја компанија) со еднаква вредност. Со единиците тргува друштво за управување со фондови, кое го избира договорувачот при пополнување на понудата. Преку тргување со единиците, стекнување на право на дивиденда од акциите (кои се дел од капиталот во единиците), камати од овбрзници и сл., друштвата за осигурување настојуваат да остварат профит на осигурениците. Дали ќе остварат профит и колкав ќе биде истиот зависи од успешноста на работењето на друштвото за управување со фондови, како и од берзанските состојби.
Постои ли ризик да се изгубат парите?
Кај повеќето од фондовите, капиталот на единиците е претежно составен од акции. Тргувањето со акции на берза секогаш носи ризик за загуба. Но, анализите на берзите покажале дека неколку фактори влијаат на ризикот за загуба. Нивната правилна примена не само што може да го намали ризикот за загуба, туку истиот и да го елиминира, зголемувајќи ја веројатноста за профит.
Првиот значаен фактор е временскиот период на вложување. Анализите покажале дека во било кој период од 10 години, просечната вредност на акциите на почетокот и крајот биле барем со иста вредност. Почест е случајот кога акциите по истекот на 10 годишниот период се со поголема вредност од почетната. Затоа и јунит линк полисите се препорачува да се прават со времетрање од минимум 10 години.
Вториот фактор кој го намалува ризикот за загуба е континуираното вложување. Основната лекција за остварување профит при тргување е да се купат евтини акции, а да се продадат поскапо. Бидејќи вредноста на акциите варира, може да расте или да опаѓа, ако континуирано се вложува (и кога акциите опаѓаат, а не само растат) се зголемува веројатноста полисата да ни донесе профит. Дисциплината во уплаќање на годишниите премии кај животното осигурување совршено се совпаѓа со вториот фактор за континуираното вложување.
Третиот фактор е ширината на портфолиото. Многу помалку веројатно е ако се купат акции во повеќе компании и сите тие да „пропаднат“ одеднаш, наместо ако акциите да се вложат само во една компанија и истата да „пропадне“. Колку повеќе компании се опфатени со портфолиото, толку повеќе се намалува ризикот. Групното инвестирање со јунит-линк полисите ја носи токму таа предност.