05/12/2025
Канцеларијата на 🇲🇰Светска банка во Северна Македонија, во партнерство со Народна банка на Република Северна Македонија беше домаќин на настан на кој беше презентиран најновиот извештај за Европа и Централна Азија насловен како „Работни места и просперитет“.
На отворањето, клучните обраќања имаа гувернерот на Народна банка на Република Северна Македонија, г-дин Трајко Славески и г-ѓа Карол Межеван, директорка на Светска банка за Косово и Северна Македонија.
🎤Во воведното обраќање, г-ѓа Межеван нагласи:
📌„Ние во Групацијата Светска банка сме посветени на работните места - затоа што работните места создаваат достоинство и надеж. Работните места се најсигурниот пат за излез од сиромаштијата и докажан начин за јакнење на луѓето и градење одржливи економии. Патот на Северна Македонија кон просперитет зависи од создавање повеќе и подобри работни места, зголемување на продуктивноста и обезбедување инклузивен раст. Со заедничка работа - владата, бизнисите, граѓанското општество, академските институции и меѓународните партнери - можеме да го ослободиме целиот потенцијал на македонскиот народ и да изградиме конкурентна, отпорна и правична економија“.
На панел-дискусијата „Од предизвици до можности: Обликување на пазарот на трудот во Северна Македонија“ организирана во рамки на настанот, се дискутираше за тоа како инвестициите во инфраструктурата, подоброто деловно опкружување и мобилизирањето на приватниот капитал можат да ја зголемат продуктивноста, да создадат работни места и да изградат отпорен пазар на трудот во услови на променлива демографија.
👥На панелот, модериран од г-ѓа Исолина Роси, виш економист за Косово и Северна Македонија, учествуваа: г-ѓа Никица Мојсовска Блажевски од Macedonia2025, г-дин Бранко Азески, претседател на Стопанска комора на Северна Македонија Economic Chamber of North Macedonia, и г-ѓа Весна Цветанова, раководител на секторот за макроекономска политика при Министерството за финансии.
🎤🗣️Иван Торе, виш економист на Светска банка од канцеларијата на главниот економист за Европа и Централна Азија и еден од главните автори на Дел II од Извештајот „Предизвикот на работни места“, кој ги презентираше клучните наоди од студијата, истакна:
📌„Силниот раст на продуктивноста е клучен за создавање работни места: секое зголемување од 1% на продуктивноста води до зголемување на вработеноста од околу 0,15% во текот на пет години. Сепак, оваа бројка може да се разликува од земја до земја, а за целосно да се исполни, потребни се смели реформи во инфраструктурата, управувањето и мобилизацијата на приватниот капитал. Инвестициите во здравствената заштита, образованието и обуката за вештини се неопходни за да се ослободи недоволно искористената работна сила и да се поддржи структурната трансформација. Секторските приоритети - агробизнисот, производството, туризмот, здравствената заштита и енергетиката - мора да ги надополнат овие реформи за да се остварат вистински придобивки од вработувањето“.
▶️🔗 Повеќе информации за извештајот се достапни на следниот линк: https://www.worldbank.org/en/region/eca/publication/europe-and-central-asia-economic-update